Од 1 јануари 2013 година над 140 индустриски потрошувачи се стекнуваат со статусот квалификуван потрошувач

26

Стопанската комора на Македонија соопшти дека согласно Законот за енергетика и подзаконските акти и Правилата за пазар на електрична енергија, од 1 јануари следната година во втората фаза од либерализацијата на пазарот со електрична енергија, над 140 индустриски потрошувачи се стекнуваат со статусот квалификуван потрошувач.

Според Зорица Мешкова од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција, новите квалификувани потрошувачи се стекнуваат со право да набавуваат електрична енергија преку слободен пазар и да бидат член на балансна група на потрошувачи преку која ќе биде решен проблемот на балансирање на нивната потрошувачка.

Со овие можности, согласно новите законски решенија, се овозможува намалување на вкупниот трошок за електрична енергија на најголем дел од фирмите кои се здобиваат со ова право. Со стекнувањето на статусот квалификуван потрошувач, тие се стекнуваат со правото самите да набавуваат електрична енергија на слободниот пазар, а со тоа да бидат и член на балансна група потрошувачи, појасни Мешкова. Според неа, можноста која новите квалификувани потрошувачи ја добиваат од почетокот на 2013 година, односно да набавуваат електрична енергија на слободен пазар и да се балансираат преку балансна група, овозможува намалување на вкупниот трошок за електрична енергија без или со минимални инвестиции. Согласно Законот за енергетика, нагласи, МЕПСО на својата официјална интернет страница го објави списокот фирми кои од 1 јануари 2013 година се стекнуваат со право да можат да се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар и своето балансирање да го решаваат преку членување во балансни групи.

Во овој момент, најголемиот дел од овие фирми трошокот за електрична енергија го плаќаат по два основа-за потрошена електрична енергија и за ангажирана електрична моќност. Најголемиот дел од овие фирми во моментов делот за ангажирана моќност го плаќаат преку максиграф. Тоа значи ангажирана моќност во интервал од 15 минути се плаќа како да е ангажирана цел месец во целиот период на работа. Таквата позиција најчесто прави платениот износ за ангажирана моќност да биде еднаков или поголем од износот платен за електрична енергија, додаде Мешкова. Од Стопанската комора очекуваат трошокот да се намали за 20%, иако истакнуваат дека пресметките се уште не се завршени. Оттаму појаснуваат дека кога ќе се здружат во балансни групи, секој најавува кој, колку и што ќе троши и кога едната моќност во една фирма ќе падне, тогаш таа можност треба да ја преземе некој друг за тикот од максиграфот да не оди горе, односно просекот да биде до максималната линија.

Стојмирка Тасевска, виш советник во Управниот одбор на Стопанската комора, 140 фирми се објавени, но само 15 знаат за можноста, иако новитетите даваат можност голем дел од компаниите да ги намалат трошоците за работење со самото нивно излегување на слободниот пазар на електрична енергија. Критериумите за компаниите да бидат квалификувани се над 50 вработени и 10 милиони евра обрт.