Советот на ЕУ формално даде „зелено светло“ за воведување нови царински давачки за стоки што влегуваат во ЕУ во форма на мали пакети, а кои главно доаѓаат од Кина.
Овој потег предвидува воведување на такса од најмалку три евра по пакет. Целта е да се потисне феноменот на бесцарински увоз на вакви пакети, што создава нелојална конкуренција за продавачите во рамките на Унијата.
Се забележува дека дури 91 процент од 4,6 милијарди вакви пакети што влегле во ЕУ во 2024 година доаѓаат од Кина.
Одлуката го укинува ослободувањето од царински давачки што се однесува на пакети во вредност помала од 150 евра. Поточно, временската рамка ги предвидува следново:
1 јули 2026 година – 1 јули 2028 година (транзициски период): Се воведува привремена фиксна царинска давачка во износ од три евра за стоки во вредност помала од 150 евра.
По 2028 година (постојан систем): Привремената давачка ќе биде заменета со редовни царински стапки штом новиот Центар за царински податоци на ЕУ – паневропска платформа за онлајн царинење што се очекува во 2028 година – ќе стане целосно оперативен.
Како давачка од три станува шест или девет евра?
Сепак, можеби најважната промена за потрошувачите е скриена во „ситните букви“ на договорот.
Привремена фиксна давачка од три евра нема да се наплаќа по пакет како целина, туку за секоја различна категорија стока (врз основа на бројот на царинската тарифа) содржана во секој поединечен пакет.
Што значи ова во пракса?
Ако некој нарача пакет што содржи, на пример:
1 свилена блуза (Категорија 1)
2 волнени блузи (Категорија 2)
Иако станува збор само за едно мало пакување, содржи два различни видови стока (според царинските ознаки).
Соодветно на тоа, ќе треба да се плати давачка:
три евра за свилена блуза,
три евра за волнени блузи.
Вкупна царинска давачка: шест евра.
Доколку пакетот содржел три различни категории стоки, царинската давачка би била девет евра, итн.
Оваа мерка се однесува на мали пакети испратени директно до потрошувачите во ЕУ и се очекува да има позитивно влијание и врз буџетот на ЕУ и врз националните јавни финансии на земјите-членки.











