Од 15 март поевтинуваат 202 лекови

78

lekoviСпоред Методологијата за одредување на цените на лековите, од 15-ти овој месец се намалуваат цените на лековите за речиси сите фармодинамски подрачја, но најмногу кај оние за онколошки заболувања, лекови против алергија, за белодробни заболувања, за остеопороза, хормони, за емотивни заболувања.

Со пониска цена ќе бидат вкупно 202 лека, од кои 92 се иновативни, а останатите 110 се генерички лекови, односно 60% од нив се лекови кои одат на рецепт.

Просечното намалување на малопродажната цена на иновативните лекови е 16%, а на генеричките 10,5%. Според првичните проценки, годишно ќе се заштедуваат 2,4 милиони евра.

Директорот на Бирото за лекови Илчо Захариев посочи дека лекот Темодал, препарат кој е значаен за лекување на карциноми на мозокот, сега е многу подостапен за пациентите.

Захариев изјави дека лекот Темодал 5 капсули од 250 милиграми големопродажната цена се намалува од 51.530 денари на 17.505 денари или намалувањето е 66%, а на 5 капсули од истиот лек по 100 милиграми, цената се намалува од 18.739 на 8.000 денари или намалувањето е 57,3%.

“Се намалуваат цените на лековите за кардиваскуларни заболувања, дел од антибиотиците, препарати за лекување на гастро заболувања итн. Ниту една компанија и во октомври и сега не најави повлекување на некој препарат. Тоа покажува дека системот навистина добро функционира и лекови има доволно”,истакна Захариев.