Од 21 јануари ЕСМ го презема управувањето со БЕГ и Скопје Север

114

АД ЕСМ од четврток 21 јануари ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север за што претходно на седница одлука ќе донесе Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека одлуката ЕСМ по 21 јануари да го преземе управувањето со компаниите произлегува од уредбата која беше усвоена од страна на Владата на предлог на Министерството во текот на минатата недела.

„Најверојатно од 21 јануари снабдувањето, производството и дистрибуцијата на топлинска енергија ќе биде преземено од страна на ЕСМ, согласно договорот за деловно техничка соработка помеѓу ЕСМ и БЕГ, за време кое треба да го утврдиме до четврток“, рече Бектеши.

Прашан колку пари ќе бидат неопходни за да се надмине кризата во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје, Бектеши рече дека калкулациите за неопходните шест милиони евра за надминување на состојбата се направени врз основа на берзанските цени на природниот гас за јануари.

„Сега ги очекуваме понудите за февруари и март и согласно тие проекции и постојната формула на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и ЕСМ ќе се направат соодветните калкулации“, прецизира Бектеши.

Тој истакна дека долговите што ги прават БЕГ и АД Скопје Север кон АД ТЕ-ТО и Макпетрол за снабдување со гас во изминатите неколку дена заклучно со 21 јануари ќе треба да си ги решат сами приватните компании со меѓусебни договори за одложено плаќање или на некој друг начин.

„Од 21 јануари натаму се до денот до кога ќе управува ЕСМ со БЕГ и Скопје Север тоа ќе биде обврска на ЕСМ да ги води сите постапки и да ги надмирува сите обврски, но истовремено и да бара од нивна страна испорачување на тоа што е договорено. Немаме намера да ги преземеме обврските што ги имаат до 21 јануари, а од 21 натаму кога ЕСМ ќе управува со снабдувањето, дистрибуцијата и производството на топлинска енергија согласно договорот, кој во четврток треба да се потврди на седница на Владата, ќе си ги преземе обврските“, рече Бектеши и додаде дека сите обврски што ги има БЕГ до 21 јануари ќе си останат нивни обврски.

Во четврток, потенцира тој, најверојатно ќе има нов договор меѓу ЕСМ, БЕГ и Скопје Север за кој јавноста навремено ќе биде информирана. Најверојатно, додаде Бектеши, од 21 јануари ќе има парно греење до 1:00 часот по полноќ со минимум 20 плус еден степен Целзиусов.