Од 500.000 денари направи виртуелно портфолио од 687.500 денари

106

Најуспешен учесник на седмиот циклус од наградната игра на едукативниот портал на Македонската берза, Виртуелна берза, е Марија Дурацоска од Струга, која во текот на повеќемесечното виртуелно тргување успеа иницијално добиените 500.000 денари да ги инвестира во различни акции и играта да ја заврши со највисока вредност на хартии од вредност во портфолио од 687.500 денари.

На второ место е Роберт Михајлов од Скопје со остварена вредност на хартии од вредност во портфолио од 687.445 денари, додека трет најуспешен учесник е Нина Колевска од Струмица која постигнала вредност од 683.312 денари на хартии од вредност во портфолиото.

Македонската берза на тројцата најуспешни учесници ќе им додели соодветни награди кои се состојат во годишна претплата на продуктот Бестнет за следење на тргувањето на Македонската берза во живо, учество на обуките во рамките на Тренинг центарот на Македонска берза (по избор на добитникот) и доделување на Прирачник за тргување со хартии од вредност.

Овој циклус започна во ноември 2019 година и траеше сè до 31 август, 2020 година. Во наградната игра беа вклучени околу 200 учесници кои преку Виртуелната берза стекнаа практично искуство од тргувањето со хартии од вредност.

На секој регистриран учесник му беа доделени 500.000 денари виртуелни пари со кои виртуелно се купуваа акции што котираат на Македонската берза по реални цени постигнати од тргувањето на Македонската берза.

Покрај едукативниот карактер, оваа игра има за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголема вредност на своето портфолио.

Наградната игра во рамките на едукативниот портал на Македонската берза Виртуелна берза продолжува, па следниот циклус се очекува да почне до крајот на годинава преку нова подобрена веб платформа.

Дел од функционалностите на новата платформа на која интензивно се работи се: респонзивност на платформата, односно можност да се пристапува и да се прилагодуваат функционалностите на играта преку мобилен уред, тргување во реално време во часовите на тргување на Берзата со прилагодување на цените со доцнење од не повеќе од 15 минути, можност за креирање на подлиги покрај официјалната лига достапна за сите.

Фото: Facebook