Од денеска сите цени на маркетите ќе може да ги разгледувате на интернет

Од денеска, маркетите, аптеките и другите бизниси ќе мора да ги објавуваат цените на своите веб-страници. Освен објавувањето, должни се и секојдневно да ги ажурираат цените кои се променети.

Сепак, Здружението на приватни аптеки заедно со Комората на фармацевти се изјаснија против оваа одлука. Според нив, измените ќе доведат до намалување на нивните услуги поради недостиг од фармацевтски кадар.

Здружението на аптеките и Комората на фармацевти поднесоа приговор до надлежните институции, од кои очекуваат во најкус можен рок да бидат повикани на разговори.

Од Здружението велат дека со овие измени се погодени сите аптеки и големите синџири на фармацевтски компании.

Ажурирањето на цените трговците треба да го вршат на дневна основа, секој работен ден до 10:00 часот. Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените, трговецот треба да ја коригира во рок од 24 часа.

Доколку маркетите не ја почитуваат ваквата одлука ќе се соочат со парични казни од 500 до 10 илјади евра, а во зависност од големината на маркетите, воведена е и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена.