
Од денеска започнува целосната примена на новите правила за влез во Европска унија, кои носат значајни промени за патниците од земјите надвор од Унијата.
Станува збор за нов систем за контрола на границите, познат како Entry/Exit System (EES), кој ќе овозможи електронско регистрирање на влезот и излезот на државјаните од трети земји. Наместо традиционалното печатирање на пасошите, податоците ќе се зачувуваат дигитално.
Со новите правила:
ќе се евидентира точното време на влез и излез од ЕУ
ќе се следи престојот (до дозволените 90 дена во период од 180 дена)
ќе се користат биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија
Целта на системот е да се зголеми безбедноста, да се спречи нелегалниот престој и да се забрза граничната контрола.
Иако системот треба да донесе поголема ефикасност, можно е во почетниот период да има подолги задржувања на границите поради прилагодување на новите процедури.
Новите правила ќе важат за сите патници кои не се државјани на ЕУ, вклучувајќи ги и граѓаните од регионот.











