Од денеска стартува директната авиолинија Охрид – Виена

На Охридскиот аеродром „Апостол Павле“ денеска ќе се реализира првиот лет од Виена до Охрид на авиокомпанијата „Austrian Airlines“ со што и овој меѓународен аеродром во земјава се поврзува со уште една европска престолнина.

Воспоставувањето на директниот лет се очекува да донесе подобра поврзаност на Охрид со Европа и да отвори нови можности за развој на туризмот и економските врски.

По повод првиот лет од Виена, на аеродромот во Охрид ќе биде организиран настан на кој ќе присуствуваат претставници од воздухопловниот сектор, австриската амбасада и авиокомпанијата.

Новата линија се гледа како уште еден чекор во зајакнување на авио-поврзаноста на Македонија со европските центри и поддршка на туризмот во Охридскиот регион.