Од извршен директор на Mastercard до прв човек на Светска банка – кој е Аџеј Банга?

153

Одборот на директори на Светска банка го назначи Аџеј Банга за нов раководител на оваа институција.

Американскиот претседател Џо Бајден во февруари најави дека ќе го номинира Аџеј Банга, поранешниот извршен директор на MasterCard, за претседател на Светската банка.

Во изјавата, Бајден рече дека Банга е „добро опремен да ја води Светската банка во овој критичен момент во историјата“ и дека има „докажана историја на управување со луѓе и системи и партнерство со глобалните лидери ширум светот за да постигне резултати“, пренесе CNN.

„Растејќи во Индија, Аџеј има единствена перспектива за можностите и предизвиците со кои се соочуваат земјите во развој и како Светска банка може да ја исполни својата амбициозна агенда за намалување на сиромаштијата и проширување на просперитетот“, напиша Бајден во изјавата.

Банга треба да го замени претходниот претседател Дејвид Малпас, кој претходно објави дека се повлекува една година порано – откако одлежа четири години од петгодишниот мандат. Последен работен ден ќе му биде 1 јуни.

Кој е Аџеј Банга?
Од 2022 година, Аџеј Банга е потпретседател на Џенерал Атлантик, инвестициска компанија со седиште во Њујорк. Пред тоа, 63-годишникот беше извршен директор на MasterCard од 2010 до 2021 година.

Тој работеше во кабинетот на поранешниот американски претседател Барак Обама, каде што беше член на советот за трговска политика во 2015 година.

Пред MasterCard, тој работеше во Citigroup, каде што се приклучи во 1996 година и имаше голем број позиции. Извесно време беше и извршен директор на компанијата за азиско-пацифичкиот регион.

Додека живеел во Индија, работел 13 години во Нестле и две во ПепсиКо.