Од кои земји се економски најважните странски филијали во Македонија?

55

Економски најважните странски филијали во земјава во текот на 2018 година се под контрола на Австрија (14,9%), Холандија (12%), Обединетото Кралство (11,8%), Германија (8,3%) и Унгарија (6,3%), покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Нивното учество во вкупната додадена вредност на домашната економија изнесува 17,5%, што значи дека во таа мера вкупната додадена вредност е под контрола на претпријатија со мнозински странски капитал.

Во 2018 година, 1.793, односно 3,1% од вкупниот број активни претпријатија (58.231) во рамките на нефинансискиот деловен сектор биле странски филијали – домашни претпријатија контролирани од странство. Тие ангажирале 18,9% од вкупно вработените, реализирале 38,6% од вкупниот промет, односно 32,9% од вкупната бруто-додадена вредност во набљудуваниот опфат, што укажува на нивно значително влијание врз домашната економија.

Најбројни се оние во секторот Трговија на големо и мало и поправка на моторни возила (33%). Најголем дел од вработените, над 80%, се ангажирани од секторите Праработувачка индустрија (58,8%), Трговија на големо и мало (13,7%) и Информации и комуникации (8,1%).

Најголем придонес во додадената вредност на странските филијали имал секторт Индустрија со 59,5% (Преработувачка индустрија со 42,2%, Вадење на руда и камен со 10,5%, Енергија со 6,5%), потоа Информации и комуникации со учество од 14,9% и Трговијата на големо и мало и поправка на возила со 144%.

Странските филијали се контролирани, главно, од европските земји (78,1%). Земјите членки на ЕУ контролираат 59,2% од странските филијали, во кои се ангажирани 71,2% од вработените и учествуваат со 72,3% од додадената вредност.

Странска филијала претставува домашнo претпријатие контролирано од нерезидентнa (странска) институционална единица. Статистиката на странските филијали ја покажува економската активност на резидентните претпријатија во земјата во кои странскиот капитал (од една или од повеќе земји) учествува во вкупниот капитал со над 50 %. Основна цел на овие податоци е да се прикаже учеството на овие претпријатија и нивното влијание во домашната економија.

Фото: Freepik