Од кој сектор згаснуваат најмногу компании?

114

Од вкупниот број активни претпријатија, во 2018 година згаснале 7%, односно 4.885, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (34,9%) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата (73,7%) се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Податоците покажуваат дека во 2018 година биле регистрирани 6.307 новосоздадени претпријатија, што претставува 9,1% од вкупно активните претпријатија, чија главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД, рев. 2 припаѓа во секторите на дејност од Б до О. Во однос на 2017 година, забележано е намалување на новосоздадените претпријатија за 0,2%.

Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (79%) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.686), Други услужни дејности (763), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (650) и Стручни, научни и технички дејности (637). 13,3% од новосоздадените претпријатија припаѓаат во секторот Индустрија, а во секторот Градежништво 7,7%.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (69,9%).

Речиси половина (45,1%) од новосоздадените претпријатија во 2013 година сѐ уште биле активни во 2018 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија што припаѓаат во секторите Дејности на здравствена и социјална заштита (79,7%), Образование (69,4%) и Стручни, научни и технички дејности (66,7%).

Во 2018 година биле активни 52,9% од новосоздадените претпријатија во 2014 година, 63,3% од новосоздадените во 2015 година, 72,8% од новосоздадените во 2016 и 88,3% во 2017 година.

Фото: Freepik