Од нафта на туризам – Саудиска Арабија ќе гради луксузно одморалиште среде пустина

140

Саудиска Арабија претстави проект за изградба на луксузно одморалиште сместено среде природниот резерват Шаран во пустината Ал – Ула.

Одморалиштето коешто, исто така, го носи називот Шаран го дизајнираше францускиот архитект Жан Нувел.

Дизајнот е инспириран од Набатејците, древната цивилизација која градела во карпи, за што најпознат пример се остатоците на градот Петра, што се наоѓаат во денешен Јордан.

Хотелот Шаран ќе биде врежан во карпите од песочник во истоимениот природен резерват.

Проектот е сѐ уште во рана фаза, но познато е дека ќе содржи 40 апартмани и три вили сместени во карпи, додека од балконите ќе се пружа поглед на пустинскиот пејзаж. Се очекува проектот да биде завршен во 2023 година.

“Ал-Ула е музеј. Секое зрно песок и карпести контури, секое геолошко и археолошко наоѓалиште заслужува сето внимание и детално проучување. Од витално значење е да ја задржиме целата препознатливост и привлечност на пустината“, рече Нувел.

Овој проект е дел од пошироките напори на Саудиска Арабија да се истакне како меѓународна туристичка зона, а со тоа да придонесе за развој на економијата на земјата и националниот идентитет на земјата.

Фото: YouTube Printscreen