Од први февруари, еврото единствена валута во Косово

33

Централната банка на Косово (ЦБК) донесе уредба според која од 1 февруари единствена валута за готовински платежни трансакции ќе биде еврото, јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во указот на Банката се наведува дека ваквата уредба е донесена согласно Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на валутата евро за оптек на територијата на Косово“.

Сепак, Централната банка на Косово наведува дека другите валути може да се користат само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки, за меѓународни плаќања или девизни активности.

„Замена на валута во Република Косово може да се врши само преку институции кои се лиценцирани од Централната банка на Косово и ја нудат оваа услуга“, се вели во соопштението на Банката.
Во регулативата на Централната банка на Косово е наведено дека увозот и извозот на банкноти и монети евра, како и други валути, ќе се увезуваат во Косово под ексклузивно право на Централната банка на Косово.

Во областите со мнозинско српско население во Косово се користи официјалната валута на Србија – динарот. На вработените во српските институции, како и пензиите во српскиот систем, детскиот додаток и социјалната помош се исплаќаат во динари. Динарот се користи и во трговските објекти во српските области во Косово.