Од Скопје до Москва за 125 евра, најавени се летови до Барселона, Малта, Париз

374

Македонските граѓани во иднина со директен лет од Скопје ќе можат да патуваат во Москва со авионски билет којшто чини 125 евра.

Воздухоплов од типот Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта, пристигна вчера на Меѓународниот аеродром во Скопје со што и официјално е воспоставена директната нова редовна линија Москва – Скопје на која сообраќа руската авиокомпанија Nordwind Airlines.

Летот трае 3 часа и 25 минути. Засега ќе може да се патува со оваа линија само еднаш неделно – во петок, но Nordwind Airlines планира да воведе уште дополнителни два лета од Москва до Скопје. Цената на авионската карта од Москва до Скопје е 106 евра, a обратно од Скопје до главниот град на Русија е 125 евра.

Возобновување на прекинатите линии до европските градови

Министерот за транспорт Благоја Бочварски најави дека многу скоро и авиокомпанијата Wizz Air  повторно ќе почне со оперирање на дестинациите кои беа прекинати поради пандемијата со Kовид-19.

Според него, најавени се летовите до Барселона, Малта, Ларнака, Париз, Осло, Милано, Тревизо и Рим.

“Очекувам дека со постепеното олабавување на мерките од ковид-пандемијата како во земјава, така и во другите држави во кои имаме воспоставено летови, наскоро ќе го вратиме авиосообраќајот на ниво на кое беше изминатите години кога бележевме рекорден број превезени патници на домашните аеродроми“, рече министерот.

Фото: Facebook