Од утре, па се до крајот на февруари следната година ќе трае новиот проект Отворени денови на агенциите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за храна и ветеринарство и за поттикнување на развојот на земјоделството.
Во овој период ќе се остварат интензивни посети на општините во Република Македонија, ќе се дискутира за програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и за можностите кои се нудат преку нив. Граѓаните преку медиумите и преку веб-страниците на овие три институции ќе бидат известени за термините.
“Проектот е резултат на соработката со земјоделците во изминатиот период и со бизнис секторот. Од нив произлезе идејата дека е добро да се реализираат интензивни посети на општините во Македонија и да се дискутира за програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и за можностите кои се нудат преку нив”, рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Тони Димовски.
Како што рече Димовски, новитет е поголемото присуство на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството на теренот. Во овој период ќе бидат отворени осум регионални центри на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во осумте плански региони.
Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека изминатиот период успеале преку воспоставување соодветна законска регулатива, инспекциска контрола и континуирана едукација и комуникација со потрошувачите, да спроведат едукативни кампањи за запознавање со безбедноста на храната.
“Успеавме во минатото да го подигнеме нивото на свеста и знаењето на потрошувачите, како и за нивното право за безбедна и квалитетна храна. Се покажа дека средбите и комуникацијата што ја имавме во минатиот период се доста значајни и корисни за граѓаните, земјоделците и за Агенцијата за храна и ветеринарство”, рече Рунтевски.