Од утре вечер почнува полициски час

95

Владата донесе одлука да се воведе полициски час по предлог на Комисијата за заразни болести поради зголемениот број на новозаболени и хоспитализирани лица од Ковид-19.

Комисијата за заразни болести предложи полицискиот час да важи од 22 часот навечер до 05 часот наутро во период од две недели. Мислење на Комисијата е дека оваа рестриктивна мерка ќе даде резултати.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека анализите на Комисијата покажале дека поради непочитување на мерките се очекуваат нови случаи на заразени, но и зголемен број на хоспитализирани.

“Полицискиот час ќе трае неполни две недели, 12 дена, а со тоа ќе бидат и зголемени полициските контроли, бидејќи поголемиот дел од граѓаните се опуштија и не ги почитуваат мерките, што резултира со зголемување на бројот на новозаразени лица“, рече премиерот Зоран Заев.