Од утре започнува Саемот за мебел

65

Индустријата за мебел годинава бележи пораст. Тоа го потврдува и годинешниот јубилеен 40-ти по ред Меѓународен саем на Мебел на кој ќе има рекорден број учесници од земјава.
Според организаторите за 20% е зголемен бројот на домашни компании, трговци и производители на мебел. Вкупно 180 домашни и странски компании и 430 претставници на брендови од утре до 30 март ќе ги презентираат своите производи во 10 хали.
Саемот ќе понуди интересни и оригинални ентериерни уредувања кои покрај мебел за домот, го трасираат трендот за модерни кујни, елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, за канцелариски мебел, но и за уредување градини, а ќе понуди и најнови технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за преработка на дрва.
Во програмата е поместена и изложба насловена Сјајност – Living smart on a Swedish way, на реномираната шведска авторка со српско потекло Александра Стратимировиќ. Според Стратимировиќ, изложбата нуди увид во современиот шведски дизајн на расветни тела од пет водечки компании. Авторката вели, иницијативата за изложбата е на Шведската амбасада во Сараево каде на крајот од минатата година била претставена постановката, и од каде доаѓа во Македонија.
Амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија Матс Стафансон истакна дека изложбата покрај презентирање на специфичниот шведски дизајн кој се одликува со природни и чисти линии изразен низ современи форми, треба да придонесе и за соработка меѓу македонски и шведски компании.
Ексклузивниот партнер на Саемот на Мебел 2014 Порше Македонија за посетителите ќе ја обезбеди главната награда – автомобил Volkswagen up. Според Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија, идејата е да го искористат саемот на мебел во отсуство на саем на автомобили и да и се приближат на публиката со организирање тест-возења на автомобилите чии застапници се во Македонија.
Во организација на Скопје дизајн вик пак, ќе се одржи работилница Автентичен мебел-клуч за освојување нови пазари како и предавања за значењето на дизајнот, кој се смета за важен елемнт за зголемена конкурентност на компаниите. Целта е да се поврзат компаниите со дизајнерите.
Посетителите ќе може да ја посетат и изложбата на дрвени скулптури и уметнички слики на истакнатиот уметник Васе Урдин.
На манифестацијата традиционално ќе бидат доделени и награди за најдобрите производители и трговци на мебел.