Одеднаш милијардер – кои се најголемите профитери од пандемијата

241
Business man counting dollar banknote - online business concept

Пандемијата многумина осиромаши, некои претприемачи се збогатија, а други станаа уште побогати.

Некои бранши се во голема криза, а некои одеднаш се многу барани.

Богат, уште побогат, Џеф Безос

Основачот на Amazon, Џеф Безос, е надвор од секоја категорија. На компанијата за време на пандемијата ѝ оди уште подобро. Цената на акциите скока од рекорд во рекорд. Безос, најбогатиот човек на светот и пред пандемијата, сега стана уште побогат и има над 160 милијарди евра.

Илон Маск фрли око на врвот

Произведувате автомобили, но ве вреднуваат како технолошка компанија! На Илон Маск тоа му успеа со Tesla. Неговата компанија профитираше од почетокот на пандемијата кога на берзата сè што имаше врска со технологија растеше. Претприемачот кој е роден во Јужна Африка неодамна го претекна Бил Гејтс и со богатство кое во моментот се проценува на 110 милијарди евра се движи кон врвот на кој е Безос.

Работа од дома – Zoom

Работата од дома за време на пандемија е голем благослов за Ерик Јуан. Основачот на платформата за комуникација Zoom, дојде во САД од Кина кога имаше 27 години. По неколку години работа за WebEx, основа сопствена видео платформа и во 2019 година отиде на берза. Цената на акциите на Zoom експлодира. Нето вредноста на Јуан се проценува на 16 милијарди евра.

Спорт од дома – Peloton

Затворените теретани и ограничените контакти му беа од корист на Џон Фоли. Во 2013 година беше на почеток и се надеваше да дојде до капитал за неговите справи за вежбање да успеат – денес инвеститорите го молат. Цената на акциите за време на пандемијата тројно порасна и неочекувано 50-годишникот го направи милијардер.

Креирање продавници на интернет

Shopify е софтвер којшто им овозможува на трговците сами да креираат интернет продавници и да се поврзат со фирми кои се занимаваат со логистика. Тобијас Литке стои зад концептот. По потекло до Кобленц во 2002 година емигрирал во Канада и почнал во гаража. Shopify сега е највредна канадска компанија, Цената на акциите двојно се зголеми од март, а богатството на 39-годишниот Литке се проценува на 7,5 милијарди евра.

Одеднаш милијардер

Вакцината против коронавирусот, која ја разви BioNTech од Мајнц, е фирма чиј соосновач и сопственик е Угур Шахин, прва во Европа доби одобрение за масовна употреба. Тоа значи дека Шахин, кој се доселил од Турција, не само што одеднаш стана светски познат, туку и многу се збогати. Вредноста на неговите акции се проценува на повеќе од две милијарди евра.

Готвење дома

HelloFresh е фирма која ви предлага што да зготвите и ви доставува пакет со потребни намирници. Од почетокот на пандемијата профитот се зголеми тројно, продажбата е двојно поголема, покажува тримесечниот биланс во ноември. Коосновачот и акционер Доминик Рихтер профитира од затворените ресторани и трендот на готвење дома. Сè уште не е милијардер, но веќе има вистински состојки и за тоа.

Поранешна сопруга – и уште еднаш Amazon на врвот

Пандемијата и Amazon не го направија најбогат само Џеф Безос, туку и Мекензи Скот, неговата поранешна сопруга исто така добро заработи благодарение на пакетот акции. Сега е на прво место на листата најбогати жени на светот со богатство од 60 милијарди евра.

Фото: Freepik