Фото: Pixabay
Дали знаете дека број 1 причина за неостварување на нашите цели (деловно и приватно) е немање или недостаток од одговорност?!
Одговорноста е една од најважните човечки карактеристики. Правејќи истражување за оваа тема и анализирајќи го значењето на (не)одговорноста како особина, налетав на неверојатен број на аспекти каде и како ни се одразува тоа на нашиот приватен и деловен живот, а ние не сме свесни дека е поради таа карактерна особина.
Одговорноста го развива и прави нашиот карактер посилен, го зголемува нашиот кредибилитет, влијае на остварување на нашите целиа и ги прави другите околу вас посреќни. Нискиот степен на одговорност не прави многу слаби и ранливи. Многу лесно може да ни избега паметот, да се занесеме по други „глупости“ и да правиме многу пропусти. И доколку не се менуваме и не работиме на развој на нашата одговорност, ќе стагнираме во развојот и работата и другите ќе не претркаат.
Само-одговорноста се одразува на нашата самодоверба. Помало ниво на одговорност, помала самодоверба и обратно. А самодовербата е таа што не води во животот и која ни помага да ги поминеме и најголемите пречки, како на работа така и приватно. Луѓето со поголема само-доверба имаат поголема контрола на својот живот и се поефикасни во извршување на своите задачи. Тие ја преземаат одговорноста за своите емоции, мисли и постапки. Тоа значи дека тие се свесни и одговорни за последиците од своите постапки (позитивни или негативни), и наместо да ги обвинуваат другите или себеси, се фокусираат на решенијата и учење од тие ситуации.
Една од најкарактеристичните одлики на неодговорни личности е што многу брзо им се здосадуваат работите. Поради тоа губат интерес во тековните работи, губат фокус и прават грешки. Си викаат дека одговорностите сега им се досадни, неважни и глупави. Ако имале поголеми одговорности, ќе се однесувале повеќе професионално и ефикасно. Но, мора да сфатиме, никогаш никој нема да ни даде повеќе или поважни одговорности, доколку не си ги завршиме најпрофесионално и ефикасно сегашните, тековни одговорности. Малите работи најдобро го отсликуваат нашиот вистински карактер.
Во прилог еве една листа на фактори / начини како да влијаете на јанкење на вашата одговорност:
1. Свесност: Секогаш кога сакаме да влијаеме на некоја наша карактерна особина, мора да имаме на ум дека треба да сме свесни за сите работи што ги правиме и што ни се случуваат околу нас. Да бидеме свесни за нашите постапки и како тие се одразуваат на нас самите, а и на другите. Бидете свесен набљудувач и не се плашете од вистината. Тешко е да ја прифатиме вистината и затоа секогаш мозокот ќе си најде одговор зошто ние го правиме тоа, а не дека сме помалку одговорни.
2. Работите на вашето его: Егото во суштина е најголемата пречка ние да увидиме и прифатиме дека сме неодговорни. Тоа ќе и застане на патот на нашата свесност да ги воочи нашите пропусти и слабости. А не постои полошо нешто ако ние сме убедени дека сме многу одговорни, а во реалноста да е сосема спротивно. Тоа значи дека можеби никогаш и нема да се освестиме и направиме некаква промена за да ја развиеме нашата одговорност. Егото не постои, тоа е измислица на нашиот ум, тоа е наш создаден принцип и заклучок. Сменете ги мислите и принципот/заклучокот ќе се смени.
3. Развивајте ја вашата само-дисциплина: Дисциплината е карактеристика на одговорните луѓе. Дисциплина значи – поставување на цели, без разлика дали микро, мали, средни, големи и нивно остварување, без при тоа да ни летне паметот на други места. Често на нашата дисциплина влијаат надворешните фактори и не заведуваат и оттргнуваат од тековните работи. Наша задача е да не потклекнеме и да бидеме цврсти на зборот/ветувањето што си го имаме дадено себе и на другите и да ги извршиме зададените цели. Дисциплина најдобро се учи на ситни задачи и обврски. Направете листа на мали работи што сакате да ги направите денес и бидете дисциплинирани во нивната реализација.
4. Развивајте ја вашате вешитна за „мулти-таскинг“ (работење повеќе работи одеднаш): Малку е контрадикторно со мојот претходен текст за „мулти-таскинг“ и дека не може ефикасно и ефективно да се работат повеќе работи одеднаш. Но, со свесно развивање (вежбање) на „мулти-таскингот“ го напрегаме мозокот и го тераме да мисли повеќе. Со работење на неколку работи одеднаш, а со цел да ги сработиме ефикасно и квалитетно ќе мора да бидеме повеќе одговорни, фокусирани и внимателни на сите активности.
5. Престанете да барате изговори и да ги обвинувате другите: Изговорите се одлика на неодговорните. Наместо да се фокусирате и трошите енергија на барање на виновникот (колега, менаџер, времето, кризата, Марсовците итн..) фокусирајте се на причината и признајте си зошто не сте ја завршиле работата. Дали поради тоа што ве мрзело, не ви било предизвик, досадно ви е, сте биле уморни, сте сакале да си работите нешто поинтересно, не сте биле заинтересирани итн. Исто така ако постојано барате виновник во некој друг, се жалите дека тие се виновни за вашите неуспеси, нема да стигнете многу далеку.
6. Признајте ги вашите грешки: Одговорните луѓе не се плашат и кријат да си ги признаат своите грешки. Луѓе сме и грешиме. Наместо да ги криеме работите и ставаме под черга, треба да се соочиме со нашите грешки, да си ги признаеме, да научиме од нив и да продолжиме помудри понатаму. Ако не ја признаеме грешката, ем ќе изгубиме време во нејзино поправање и прикривање, ем нема да научиме од грешката (и истата грешка ќе ја направиме следниот пат). А дополнително, доколку ја прикриваме, може подоцна да ни направи уште поголем проблем.
7. Бидете проактивни: Ако видите дека нешто не се прави, а верувате дека ќе биде добро за сите, преземете иницијатива и направете го. Исто важи и за работи што не сакате да ги направите, бидејќи тоа е задача на друг колега (да се исчисти кујната). Тоа ќе ве направи посилни и позадоволни, и повеќе одговорни за работите што се околу вас. На тој начин работите паралелно и на правење работи што не ви се допаѓаат. Тоа пак влијае на подобро искористување на времето (time management). Одложување на работите што не ни се допаѓаат е еден од 3 најважни фактори за лошо менаџирање на време.
8. Немојте да одложувате: ОДЛОЖУВАЊЕТО е врвот на неодговорноста. Одговорна личност ќе ја направи работата бидејќи така рекол дека ќе направи. Секое одложување е поврзано со некоја слабост на карактерот – недисциплина, невреднување на нашиот збор, мрзеливост итн.
9. Помагајте на другите: Ќе станете повеќе одговорни, бидејќи не станува збор за вас. Тука треба да мислите за другите. Нашите грешки и пропусти ќе влијаат на другите (може и фатално). Дали ви се случило да ви умре рипката бидејќи сте заборавиле да ја нахраните?! Размислувајте како вашите постапки ќе влијаат на другите. На овој начин ја развивате и вашата вештина за емпатија и ќе го направите она што многу малку луѓе го прават (ние луѓето не размислувамекако нашите постапки влијаат на другите, а во некои ситуации дури заземаме и „баш ми е гајле“ став).
Со успех во имплементацијата!