Одил Рено-Басо, прва жена на чело на ЕБОР

34

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја избра Французинката Одил Рено-Басо за нова директорка, на своето Генерално собрание, коешто се одржa виртуелно поради пандемијата на Ковид-19.

Педесет и петгодишната Рено-Басо, актуелна генерална директорка на Трезорот, е прва жена на функцијата шеф на ЕБОР. Таа исто така во 2016 година била прва жена која дошла на чело на Трезорот, една од главните управи во француското Министерство за економија и финансии.

Таа ќе ја преземе должноста подоцна оваа година од Британецот Сума Чакрабарти, кој во јули поднесе оставка во банката, која ја предводеше од 2012 година.

“Советот на гувернерите на ЕБОР ја избра Французинката Одил Рено-Басо за иден претседател“, се наведува во соопштението на оваа институција.

Вршителот на должност претседател на ЕБОР, Јирген Ригтерник ѝ честиташе на новата шефица, оценувајќи дека таа ќе ѝ донесе на банката “огромно меѓународно искуство“.

ЕБOR, со седиште во Лондон, е формирана по падот на Берлинскиот ѕид, со цел да им помогне на источните земји во транзиција кон пазарната економија. Меѓутоа од финансиската криза 2007-2008 година, таа силно ги прошири активностите во прилог на економски развој, но неодамна и во борбата против климатските промени.

Фото: YouTube Printscreen