Одлучност

166

planina

Фото: Pexels

Многу често се наоѓаме со ситуација кога треба да донесеме некоја одлука. За лесните одлуки веднаш знаеме да пресечеме, но кога ќе се сретнеме со одлуки од огромна важност за нас, за нашата компанија, фамилија, опкружување, понекогаш ни е многу тешко да „пресечеме“. Во тие ситуации, што правиме ние и што е можниот резултат:

  1. ПАТ 1: Не донесуваме одлука, туку ја ставаме „под черга“ и чекаме сама да се реши. Понекогаш и тоа е добро решение, но само во оние ситуации кога немате доволно информации да пресечете и потребно е прво да стигнете до потребните информации. Во другите ситуации, пак, оваа одлука може да биде само погубна.
  2. или ПАТ 2: Донесуваме пребрзо решение, непромислено ја донесуваме одлуката. И во оваа ситуација, добро е што сте донеле одлука, сте биле храбри и одлучни, но пребрзото донесување сигурно ќе се одрази негативно на некое поле. Она што треба тука да имате на ум и да се запрашате е „зошто сте ја донеле одлуката толку брзо”. Дали се заснова на „вистинска” интуиција и затоа сте реагирале импулсивно или нешто друго (мозокот / рациото се јавило со својот ѓаволски глас) како на пример – его, нетрпение, лутина, омраза, мрза, страв или нешто друго. Најдобро е кога ја носите одлуката интуитивно (што ви кажува срцето / стомакот), но за жал, многу често ние мислиме дека е интуицијата, но во суштина тоа е нешто потсвесно и целосно (не)рационално, туку емотивно.
  3. или ПАТ 3: Најдобро е кога донесуваме мудра одлука. Мудра одлука е одлука што се заснова на факти, прецизни информации и сознанија, и „вистинска” интуиција. Како и одлука којашто е во релација на нашата долгорочна цел и визија.

Една од најголемите пречки за недонесување одлука е стравот да преземеме одговорност. Се плашиме дека ќе нè критикуваат ако погрешиме, се плашиме од крајниот резултат, од неизвесноста што нè чека. Несигурни сме во својата одлука и или не ја носиме или ќе ја донесеме набрзина само колку да пресечеме. Несигурноста и стравот потекнуваат од (не)знаењето. Кога имаме знаење и искуство за некоја тема, ситуација, активност, можеме полесно да донесеме правилна одлука, бидејќи во таа ситуација немаме ниту страв од крајниот исход.

Наша цел е да носиме мудри одлуки. Некои од најважните чекори што можете да ги имате на ум при донесување на мудра одлука се:

  1. Дефинирање на јасна цел: Прво мора да видите дали одлуката е во релација со вашата долгорочна цел. Дали одлуката што ќе ја донесете (лево или десно) ве доближува до вашата крајна цел или ве оддалечува. Но, прво мора да имате јасно дефинирана цел.
  2. Целосна информираност: Како што видовме, понекогаш не донесуваме одлука бидејќи немаме доволно информации. За таа цел, соберете ги сите релевантни информации, од сите извори што ви недостасуваат за да ја донесете правилната одлука.
  3. Консултација со релевантни луѓе: Немојте да бидете суетни (став „јас сè знам”) и да не се консултирате со колегите, менаџерите, пријателите и/или фамилијата. Се согласувам, често околината само може да ни ги помеша и да ни ги замати сметките, но често пати „необврзувачки” совет од околината може да е добредојден.
  4. Рацио Интуиција: Одлука се донесува прво рационално, а потоа се испитува што кажува интуицијата. Откако ќе ги соберете сите потребни информации и факти, преку кои ќе ја донесете одлуката, запрашајте се „како се чувствувате околу таа одлука”, што ви кажува срцето/стомакот.
  5. Пресечете: „Мечка страв, мене не страв” е понекогаш ставот кој јас го практикувам во ситуација кога не сум 100% сигурен, но времето налага да ја донесам одлуката. Тогаш, единствено што можам да направам е да ги чекам резултатите (последиците) и да бидам доволно храбар да ја поднесам и да ја преземам целосната одговорност.

Во секој случај, бидете повеќе одлучни, но „трчајте бавно”, бидете мудри во пресекување на работите.

Со успех во промените.