Однос менаџер – вработен

404

kolegi

Фото: Pixabay

Како и секој понеделник, така и овој пат поминав до кафулето каде редовно се среќавам со моите пријатели за да се релаксираме после напорниот работен ден. Да бидам искрена, немав некоја посебна желба да “утепам” 3 часа, но барајќи инспирација за моето првенче, кое се надевам дека ќе биде дел од низата текстови што неуморно ви ги праќаме секој четврток, сепак се решив да украдам од нивното знаење и искуство.

Дискусијата и овој пат ја отворивме со вечната проблематика – однос менаџер-вработен. “Како и секогаш у 5 за 12 ми рекоа да го средам документот”“е стварно не можам да работам под притисок”,“цела работа ја направив тип топ и едно фала не може да каже!” и она што посебно ми се виде интересно “значи што и да направам, пак сум у грешка” се провлекуваа неколку пати во текот на разговорот. Несвесно си ги повторувавме коментарите и се случи во текот на 3-часовното наше дружење барем двајца да се нашле во иста ситуација. Си помислив или ги имаме истите менаџери (ама знам дека се со полно работно време кај нас) или пак постои некој проблем во меѓусебната комуникација помеѓу вработените и менаџерите на генерално ниво.

Истражувањата на Google, многуте панел дискусии, обуките на кои сме присуствувале со колегите, менторските средби кои сме ги имале, зборуваат дека односот менаџер-вработен треба постојано да се усовршува. Сите сме емоционално интелегентни, ДА сите зборуваме за тимска работа, сите сме поборници на концептот “да се биде дел од организацијата”, но некако имам чувство дека се се сведува на многубројни стресни ситуации, незадоволство, мноштво саати поминати на работа, незавршени задачи и доста, како што на шега ги викам јас, “креативни дискусии” (чешлање) помеѓу вработените и менаџерите.

Поттикната од оваа тематика, споделувам некои свои видувања, совети кои ми помагаат да работам на подобрување на мојот однос со претпоставените:

  1. Емпатија – Од аспект на менаџерот: Менаџерите мора добро да го познаваат својот тим (капацитетот со кој располагаат, можностите, мотивацијата) за врз основа на тоа да дадат добар бриф со цел една задача да биде успешно завршена. Во спротивно, очекувањата на менаџерите ќе бидат големи, а фрустрациите за недовршената или лошо завршената обврска ќе бидат обострани. Од аспект на вработениот: Треба да разбереме дека и менаџерите се вработени како нас, и тие одговараат некому и ги делат донекаде истите проблеми. И од нив се бараат истите резултати, и тие сакаат да се завршат работите во најбрз и најдобар рок итн.
  2. Признајте дека сте згрешиле – Признајте барем на почетокот во себе, а подоцна и на глас. И не ги повторувајте истите грешки. Кога ќе признаете, менаџерот нормално е да покаже разбирање, а и можноста да научите од грешката е поголема.
  3. Активно слушање и парафразирање – Не дозволувајте да се најдете во ситуација да донесте погрешна одлука/акција само затоа што ви било незгодно или пак сте се плашеле да не испаднете глупави бидејќи не сте ја разбрале добро пораката од менаџерот и не сте го прашале дали го мисли истото што вие сте го сфатиле.
  4. Исполнување на договореното – Помалку ветувајте доколку не сте сигурни дека ќе ја завршите работата докрај. Ситуацијата со сигурност ќе ескалира доколку: 1. Ветите дека ќе ја исполните зададенета обврска и притоа не го правите тоа од ваши “оправдани” причини, 2. Самите сте одлучиле дека активноста е помалку важна и сте направиле лоша приоретизација или 3. Ја преземате задачата, но менувате нешто во неа бидејќи сте сметале дека така е подобро. И да го правите ова, секогаш дискутирајте отворено со вашите менаџери и аргументирајте ги вашите постапки. Во спротивно тие ќе ја изгубат довербата во вас и не ќе можат да ви дадат поголема одговорност и едноставно нема да може да се потпрат на вас. Кај нас во фирма се случува да кажат “ставете се во наша ситуација и помислете како вие ќе се чувствувате ако ве зезнат”
  5. Подобро Планирање – Ќе се навратам на коментарот од погоре “како и секогаш у 5 за 12 ми рекоа да го средам документот”. Ако се случи ова еднаш во 3 месеци е ОК, но ако се повторува секој втор ден тогаш менаџерот или има проблем со нас, или не фрлаат во оган сакајќи да го тестираат нашиот капацитет и можности или пак едноставно им е потребно подобро планирање. “Ми треба листава за вчера” е менаџерски концепт на работа кој мене искрено не ми се допаѓа. Сакајќи да не притиснат да не ги заборавиме задачите кои треба да се завршат на време, менаџерите често знаат намерно да го поместат рокот на исполнување понапред од вообичаено, па наместо успешно завршена работа, најчесто се појавуваат грешки.
  6. Ефект на додадена вредност – Секогаш направете повеќе од очекуваното. Знам дека тоа не чини повеќе време поминато пред компјутер, повеќе работа, повеќе обврски, помалку време за себе, помалку време поминато со пријателите, но чувството е исполнувачко. Направете го тоа пред се за себе, докажете дека сте секогаш спремни за едно скалило погоре.

Се надевам дека овие совети ќе ви се видат интересни за имплементација, јас искрено пробувам да применувам поголем дел од истите со цел подобрување на мојот однос со претпоставените.

Со успех во имплементацијата.