Одобрена е нова стратешка инвестиција за соларен парк до 300 мегавати вреден 270 милиони евра

203

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 120-та седница им оддаде почит на жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, изрази сочувство до нивните семејства и донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.

За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одложуваат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост.

Владата денеска донесе заклучок за препораките на Комисијата за заразни болести за нови мерки за заштита и спречување на ширењето на КОВИД-19 и за поттикнување на вакцинацијата, да донесе одлуки на првата наредна седница.

На денешната седница Владата донесе Одлука за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР” – Скопје.

Станува збор за инвестиција за изградба на „Соларен парк Стипион” вредна 270 милиони евра, кој преку оваа компанија ќе го реализира „Акуо Енерџи Сас Париз” (Akuo Energy Sas Paris) од Франција, со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегават часови.

Владата денеска ја донесе и Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2021 година за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми во насока на заштита на плурализмот од областа на медиумите.

Програмата за поддршката за печатење и дистрибуција на печатените медиуми предвидува поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми кои се издаваат на македонски јазик во висина до 50% за направените трошоци за печатење и во висина до 50% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина не помалку од 50%, но не повеќе од 70% за направените трошоци за печатење и во висина не помалку од 50% но не повеќе од 70% за трошоци за дистрибуција, согласно доставените фактури за календарската 2020 година.

Јавниот повик за реализација на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2021 година ќе биде објавен во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа програма со објава во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец ноември 2021 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.11.2021 година, врз основа на што деловните банки ќе можат да обезбедат пензионерите да може да располагаат со ноемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.11.2021 година.

Се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

– За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.11.2021 година (петок);
– За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.11.2021 година (понеделник);
– За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.11.2021 година (вторник); и
– За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.12.2021 година (среда).

Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за завршени преговори и за склучување на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за учество на Северна Македонија во Креативна Европа (2021- 2027) и определи амбасадорката на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Европската Унија во Брисел, Агнеза Руси – Поповска да го потпише Договорот.

Согласно овој договор, Република Северна Македонија, преку Министерството за култура, ќе учествува во оваа програма со вкупен износ од 1,14 милиони евра, распределени во седум години со што се стекнува со пристап до буџетот на Програмата Креативна Европа (2021-2027) кој изнесува 2.44 милијарди евра.

Програмата ја препознава културната разновидност како главен приоритет преку кој треба да се одговори на предизвиците со кои денес се соочуваат културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, а нејзини приоритети се заштита, развој и унапредување на културната и јазичната разновидност и наследство, како и зајакнување на конкурентноста и економскиот потенцијал на културните и креативните сектори и на аудиовизуелниот сектор.