Одобрени нови 337 барања од 27,9 милиони евра од Ковид 3 бескаматната кредитна линија

12

Нова група од 337 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата, соопшти Развојната банка на Република Северна Македонија.

Од кредитната линија, за која се предвидени средства до 31 милион евра, досега вкупно се одобрени 2.459 кредитни барања, на вкупен износ од 27,9 милиони евра, кои ги исполниле условите од јавниот повик објавен на 7 декември 2020 година.

Според структурата на досега одобрените кредитни барања, 1307 кредитни барања се од мали компании, 945 од микро компании, 157 кредитни барања од трговци-поединци и 50 кредитни барања се од занаетчии.

Како што наведуваат во соопштението, најголем дел од одобрените 2.459 кредитни барања, доаѓаат од скопскиот регион и тоа 31%, а по него следат полошкиот регион со 15 %, па југозападниот и југоисточниот регион со по 12 %. Следни се источниот и пелагонискиот регион со 10% од одобрените кредитни барања, додека од вардарскиот и североисточниот регион доаѓаат пет отсто од одобрените кредитни барања.

Од Развојната банка наведуваат дека кредитните барања се обработуваат хронолошки, според времето на пристигнување, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него.

Одобрувањето на кредитните барања се врши во групи, сè додека не се исцрпат расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија.