По повод Меѓународниот ден на детето, први јуни, во организација на А1 Македонија се одржа отворената работилница на тема безбедно користење на интернет, дел од проектот Интернетот не е само игра… Кликај безбедно!, наменето за сите четвртоодделенци.
На онлајн работилницата се приклучија заинтересирани ученици со нивните родители и наставници, ученици кои сакаа да слушнат и научат повеќе на кој начин да се заштитат додека сурфаат на светската мрежа.
Интернетот не e само игра… Кликај безбедно! е програма наменета за најмладите, со која вработените во А1 Македонија, веќе четврта година по ред, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма, ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Предавањата ги држат вработени во А1 Македонија, на волонтерска основа, со огромно искуство стекнато низ годините.
Проектот започна во 2018-та година со работилници во основните училишта на територијата на град Скопје, а наредната учебна година продолжи со работилници во основните училишта во сите поголеми градови низ Македонија. Третиот циклус работилници се одвиваа во просториите на компанијата, а ги следеа децата на вработените, четвртоодделенци, со своите одделенија. Оваа година поради пандемијата, работилниците се одвиваат онлајн, а од почетокот на овој проект па досега едуцирани се повеќе од 2500 ученици од целата држава.
Програмата се реализира во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија, а со одобрение на Бирото за развој на образованието. Заложбата на А1 Групацијата е до 2023 година на групациско ниво преку тренинзи и работилници на тема дигитална писменост да се едуцираат над 100.000 деца и возрасни.
Едукативната програма Интернетот не е само игра…Кликај безбедно! е добитник на признанието во категоријата “Однос кон заедницата”, што го доделува Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и Министерството за економија.