Одржан состанок со директорот на Одделот за статистика на ММФ: Народната банка обезбедува висококвалитетни статистички податоци

62

Народната банка преку квалитетното извршување на статистичката функција и натаму придонесува за јакнење на процесот на донесување одлуки на економските чинители. Постојано се прибираат, се изготвуваат и се објавуваат податоци согласно со меѓународните стандарди, а не заостануваат ни активностите за развој и надградба во одделните статистички домени. Во овој контекст беше истакнато дека Народната банка за првпат ќе објави и ќе достави и нов сет статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност. Со тоа, Народната банка е на чекор до целосното исполнување на показателите што се во нејзина надлежност, а произлегуваат од највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, којшто го исполнуваат само 29 земји во светот. За ова беше разговарано на состанокот меѓу директорот на Одделот за статистика на ММФ, Алберт Крусе и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска, одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка.

Активностите на Народната банка беа насочени пред сè кон унапредување на податоците во доменот на финансиските сметки, процес потпомогнат од Одделот за статистика на ММФ. За таа цел, Народната банка предвидува покрај објавување годишни состојби, да започне со објавување и квартални податоци за финансиските сметки, со што ќе се овозможи достапност на пофреквентни информации за носителите на политиките и за согледување на движењата по одделните сектори, коишто може да претставуваат показател за евентуални економски ранливости.

На состанокот беше истакнато дека Народната банка постојано применува практики за зајакнување на транспарентноста во однос на статистичките податоци. Народната банка остварува редовна комуникација со известувачите и со корисниците на статистичките податоци, а за следење на напредокот во оваа област беше спроведена Анкета за задоволството на известувачите и корисниците на статистиката. Резултатите од Анкетата спроведена во октомври 2021 година потврдија дека Народната банка обезбедува висок квалитет на статистичката функција. Добиените одговори и предлози ќе се користат за планирање на активностите за понатамошно унапредување на комуникацијата со корисниците и рационализирање на процесот на известување.