Една од основите за производство на квалитетно млеко е избалансирана храна и хигиена на фармите.
Ова беше заклучено на трибината Подобрување на квалитетот на млекото, што се одржа вчера во Скопје во организација од Федерацијата на фармерите и француската организација АФДИ.
“Во 1966 година, кога најголем дел од молзењето беше рачно, се донесе закон што ги обврза млекарниците да купуваат млеко со висок микробиолошки квалитет. Стандардите практично ги фиксираше регулативата. Но, француските преработувачи воедно поставија и технички сервис. Испратија техничари кај производителите за да ги научат како се чистат машините и опремата за молзење. Им обезбедија и детергенти. Десет години подоцна двете страни, и преработувачите и производителите, се групираа и оттогаш заедно дискутираат за стандардите и цената. Мислам дека вакво нешто може да се спроведе и во Македонија”, посочи Ричард Деминк од француската организација.
Тој додаде дека доколку некој производител во Франција три месеци не произведува квалитетно млеко, од него веќе никој не купува и тој веќе не може да се занимава со дејноста.
“Клучни проблеми на кои треба да се работи се: фармерите кои ќе се одлучат да егзистираат со производство на млеко првенствено треба да имаат на располагање земјиште за производство на храна по грло добиток, затоа што храната најмногу влијае на крајниот производ. Примена на техничко- технолошки достигнување за одржување на квалитет на млекото и доколку одлучат да бидат земјоделците мали по обем неминовно е нивно здружување за да опстојат на пазарот”, вели Стеванче Јорданоски од ФФРМ.
Тој посочи дека сточната храна најмногу влијае на масленоста и најлесно ја подобрува, делумно ги поправа протеините, а лактозата скоро и не може да ја поправи.
Според професорот Владимир Какуринов, хигиената на фармите може да се подобри без големи вложувања, со примена на добри земјоделски практики.
“Фармерите веќе сфаќаат колку е битно бројот на микроорганизми да се сведе на минимум. Многу се заинтересирани за начинот на анализи кои не се вообичаени и ги опфаќаат и групите микроорганизми што не се наоѓаат во правилниците за квалитет или безбедност, а се важни за производство на одредени типови млечни производи, течни и полутечни, меки и тврди сирења”, рече Какуринов.
Професорот зборуваше и за хигиенското инженерство и дизајнот,релативно нови работи за Македонија кои не е тешко да се постигнат доколку се следат упатствата.
“Имплементацијата на хигиенски дизајнираната опрема не значи дополнителен трошок, напротив, поевтина е од индустриски дизајнираната. Обезбедува многу пократкотрајно и 100 процентно чистење на машините, без остаточни микроорганизми”, рече Какуринов.