ОЕЦД ги подобри изгледите: Oваа година раст од 2,6 отсто и 2,9 отсто следната година

57

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги зголеми прогнозите за светскиот економски раст поради забавувањето на инфлацијата и повторното отворање на Кина, но смета дека закрепнувањето сè уште е неизвесно со оглед на големите тешкотии на некои банки.
Во новиот извештај, организацијата предвидува дека глобалниот економски раст ќе биде 2,6 отсто во 2023 година и 2,9 отсто во 2024 година.

Споредено со последните економски прогнози на ОЕЦД во ноември, стапката на светски економски раст е зголемена за 0,4 процентни поени за оваа година и за 0,2 процентни поени за следната година.

Организацијата објави нови податоци во екот на банкарската криза, оценувајќи дека зголемувањето на каматните стапки може да продолжи да открива финансиски слабости поради високото задолжување и прекумерното вреднување на некои средства, како што неодамна покажа затворањето или спасувањето на некои од американските банки.

„Почнаа да се појавуваат знаци на влијанието на заострувањето на монетарната политика во некои делови од банкарскиот сектор, особено во регионалните американски банки“, се вели во извештајот на ОЕЦД, посочувајќи на колапсот на банката SVB во САД.

Во извештајот, ОЕЦД не ги спомна тешкотиите со кои се соочи минатата недела швајцарската Credit Suisse, банка многу поголема од американската, чиј банкрот може да претставува системски ризик за светската економија.

Фото: Pixabay