Официјално претставен новиот Citroën C5 Aircross

Новиот Citroën C5 Aircross го задржува необичниот стил на концептот, а воедно ја интегрира најновата технологија во внатрешноста

Citroën ја откри новата генерација на C5 Aircross, модел кој останува верен на препознатливиот француски дизајн, но сега доаѓа со значителни технолошки надградби, вклучувајќи го и најголемиот инфозабавен екран некогаш понуден од Stellantis. Освен новиот изглед, SUV моделот нуди и целосно електрична, mild-hybrid и plug-in хибридна погонска понуда.

Ново лице и поаеродинамична каросерија

Дизајнот на новиот C5 Aircross го следи новиот визуелен јазик на Citroën, веќе присутен кај моделите C3, C4 и Berlingo. Каросеријата е подинамична и поаеродинамична од претходно, со нови детали како LED светла, заоблени линии и нагласени калапи. Задните светла го задржуваат изгледот од концептот, додавајќи визуелен идентитет и свежина. Возилото е подолго и пошироко од претходникот, со должина од 4.652 mm и меѓуоскино растојание од 2.784 mm.

Внатрешност во „C-Zen Lounge“ стил

Кабината претрпува целосна трансформација. Централната конзола вклучува нов 13-инчен вертикален HD екран — најголемиот понуден досега од Stellantis бренд — придружен со физички копчиња за полесна употреба. Покрај него, има и 10-инчен дигитален инструменти кластер, head-up дисплеј, безжично полнење и амбиентално осветлување. Материјалите се топли и пријатни, со пена и текстил на таблата и седиштата.

Комфор на повисоко ниво

Новиот C5 Aircross го задржува фокусот на комфорот. Предните седишта нудат електрични прилагодувања, греење, вентилација и масажа. Задните седишта сега се со можност за греење и нагнување, но го губат поранешниот концепт на три одделни и подвижни седишта. Благодарение на поголемите димензии, има повеќе простор за патниците, а багажниот простор нуди 651 литар основен капацитет и дополнителни 75 литри под подот.

Платформа, погони и автономија

Моделот е поставен на STLA Medium платформата на Stellantis и ќе биде достапен со три типа на погони. Целосно електричниот e-C5 Aircross се нуди во две верзии: со 207 КС и 520 km автономија (73 kWh батерија) и со 227 КС и до 679 km автономија (97 kWh батерија). Двете верзии поддржуваат брзо полнење до 160 kW.

Мild-хибридниот C5 Aircross Hybrid 145 користи 1.2-литарски турбо мотор и 6-брзински автоматик со интегриран електромотор и батерија од 0.9 kWh. Plug-in хибридниот C5 Aircross 195 има 1.6-литарски турбо мотор и електромотор со вкупно 193 КС и автономија од 85 km во електричен режим.

Суспензијата со Progressive Hydraulic Cushions е задржана и ветува исклучително удобно возење, а новиот Drive Assist 2.0 пакет овозможува автономно возење од Ниво 2.

Новиот Citroën C5 Aircross како водечки модел на брендот

Со заминувањето на моделот C5 X, новиот C5 Aircross ќе биде врвниот модел во понудата на Citroën. Стратегијата на брендот е јасна: практичност, комфор и електрификација во достапно пакување.

Продажбата на новиот C5 Aircross во Европа започнува во втората половина на 2025 година, а производството ќе се одвива во фабриката во Рен, Франција. Цените ќе бидат објавени дополнително.

Преземено од Автоплус.мк