Ограничувањето на цените на руската нафта ја ограничи заработката на Русија

28

Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави  дека ограничувањето на цената на руската нафта воведено од западните земји во декември ја ограничило заработката на Русија.

Според неа, оваа мерка очигледно ја исполнила целта да се задржи руската нафта на пазарот, а во исто време да се ограничи заработката на Русија.

„Иако ограничената цена на суровата нафта е на сила само околу еден месец, веќе видовме напредок кон исполнување на целта. Високи руски претставници признаа
дека ограничувањето на цените на руската нафта ги намали руските приходи од продажба на енергетски производи“, рече Јелен на состанокот со канадската министерка за финансии Кристиа Фриланд, пренесува Ројтерс.

Горната граница на цената на суровата нафта и забраната за користење на поморското осигурување од страна на западните осигурителни компании беа воведени на 5 декември од страна на земјите членки на Г7.

Јелен нагласи дека енергетските пазари сè уште се добро снабдени и покрај ограничувањето на цената на руската нафта и забраната за увоз на сурова нафта од Русија воведена од ЕУ.

Официјална Москва вети дека ќе ја забрани испораката на нафта за земјите кои се придржуваат до наметнатата граница на цената на руската нафта.