Ограничувањето на цените трае до крајот на април – трговците ќе објавуваат цени секој ден

До крајот на април, ќе важат ограничувањата за бруто профитната маржа на основните прехранбени производи и на дел од средствата за хигиена, а исто така, трговците на мало ќе бидат обврзани секој ден да ги ажурираат и објавуваат цените на своите веб-страници. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека доколку ситуацијата го наметне тоа, ќе бидат донесени нови мерки за контрола на цените и инфлацијата. Промените кои веќе влегле во сила се очекува да имаат позитивен ефект, но ќе се следат на дневна основа.“

– Ние ќе ја следиме ситуацијата, ако случајно се зголемува инфлацијата, ќе постапиме соодветно и ќе донесеме други мерки – рече Дурмиши на денешната прес-конференција.

Според него, двете мерки ги дале очекуваните резултати затоа што според податоците на Државниот завод за статистика во март инфлацијата бележи намалување на годишно ниво од 2,7 проценти, а во однос на февруари дефлација од 1,3 проценти.

На предлог на Министерството за економија беа донесени одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи на производи и одлука за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи. Одлуките стапија на сила од 20 февруари и траат до 30 април.

Од петок, трговците на мало ќе треба и јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот. Цените треба да бидат објавени во посебен дел од веб страницата и да бидат достапни без регистрација или дополнителна најава на веб страницата. Ова произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи кои беа донесени во март.

– Измените на Законот стапија на сила на 4 март и со нив е предвидено во рок од 45 дена од објавувањето на законот во Службен весник секој трговец на мало и големо да ја објави тековната продажна цена на производите. Согласно законките измени и Правилникот што го изготви Министерството за економија и труд, трговците почнувајќи од 18 април ќе мора да ги објавуваат цените на својата веб страница – рече  Дурмиши на прес-конференцијата.