Охрид низ очите на туристите: Странците бараат култура, домашните — „фотка“од ручек и паркинг до маса

Мотивацијата за посета на Охрид значително се разликува кај домашните и странските туристи. Странските гости најчесто доаѓаат за да го доживеат Охрид од аспект на културата, традицијата и историските знаменитости. Домашните пак, често го избираат градот за „фотогенски“ одмор – да се сликаат во ресторани со скапа охридска пастрмка покрај езерото, со автомобилот паркиран веднаш до објектот.

– Не станува збор само за цените, туку за менталитетот на домашните туристи. Никој не може да налага намалување на цени кога менаџерите на угостителските објекти се соочуваат со зголемени кирии, недостиг на работна сила и скапи енергенси. Цените мора да ги следат трошоците, особено во периоди кога нема многу гости. Охрид не е како Скопје, каде што туризмот е активен цела година преку конференции и настани. Во последно време, поради војната во Иран, се зголемија цените на храната, услугите и платите – вели за „Локално“, професор Климент Наумов од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Домашните туристи ретко се откажуваат од користење автомобили кога се сместени во центарот на градот. – Менталитетот кај нас е таков: сакаат кафе покрај езеро, фотографии за социјалните мрежи и автомобил веднаш до кафулето, објаснува Наумов.