Охридски начин на продавање! Бр. 2

16

ohrid

Фото: Pixabay

(Посветено на Славчо – пример за професионалност)

Пред точно 150 „неделни совети“, т.е 150 недели (3 години), пишував на тема „Охридски начин на продавање“. Текстот иако беше напишан од аспект да се истакне една интересна техника на продажба „спин на продажбата“, беше сфатен од страна на некои читатели како негативен и како истакнување на слабостите во услугата и односот кон туристите во Охрид.

Сепак, како и да гледаме, дефинитивно во Охрид треба да се поработи на нивото на услуга и квалитет на понуда со цел да се подобри односот и мислењето на туристите кон Охрид. Тоа е факт (најголем дел од негативните примери и комични коментари за услугата се реалност) и мора да се земе со најголема сериозност, ако сакаме да градиме сериозни туристички капацитети во едно од најубавите места во Македонија.

Но, во овај неделен совет сакам да истакнам една моја позитивна ситуација и искуство кое ми се случи викендов во Охрид и кое многу пријатно ме изненади. Со ова, се надевам ќе дадам поддршка на Охрид и ќе влијаам позитивно и стимулативно на другите професионално да си ги извршуваат работите.

Бевме на детски роденден кај едни пријатели, каде што беше ангажирано едно младо момче кое требаше да помогне околу сервирањето на пијалоците, храната и водење сметка за гостите да бидат секогаш задоволни и среќни. Уште од самиот почеток се виде неговата голема сериозност и посветеност во работата. Најинтересно е тоа што момчето немаше некое формално образование, туку беше самоук, работејќи по Охридските ресторани и кафичи. Еве неколку аспекти и детали кои јас ги забележав, а од кои може да се сфати што претставува професионалност во работата:

  • Изглед, став и држење: со себе носеше чиста и нова облека за да се пресоблече. Стоеше на страна, исправено и со целосна контрола над работите. Беше ненападен, молчелив, а сеприсутен.
  • Пратење на ситуацијата: не ми требаа повеќе од 3-4 секунди, или едно подигнување на раката, за да ми го фати погледот и веднаш да реагира со „повелете, што ви треба?“. (се случувало и бранови со рацете да правам во некои кафани за да ме примети келнерот).
  • Секогаш чекор пред нас: Во една ситуација на нашата маса ни фалеше сол. Додека ние ја баравме на масата, момчето веќе дојде со солаpникот (иако дечкото стоеше на неколку метри од нас). За воодушевување е кога некој скока чекори и ги решава експедитивно работите.
  • Снаодливост и брзина – роденденот беше на 3 локации во дворот. Тој стигаше да ги покрие сите локации и сите гости да бидат задоволни. И на крајот тој постојано беше насмеан и позитивен.
  • Издржливост и професионалност – интересно беше дека дечкото беше пушач, но јас тоа го забележав на крајот (после 5 часа работа), кога запали цигара на одење накај дома. Браво!
  • Знаење – Кога ќе требаше да му наполни пијалок на некој од гостите, секогаш држеше растојание, се местеше од страната каде нема гужва и телото му беше во позиција да не смета никому. Ова или некој треба да те научи или многу добро ги прател другите професионални келнери.

Сигурно имало уште многу примери за неговото професионално однесување кои јас не сум ги фатил, но и овие што јас ги забележав ме воодушевија.

Немој да мислите дека тоа е „келнер“ и не значи дека ако ги извршувал така прецизно и педантно работите во тој сегмент, ако го ставиме на друго место нема да се снајде или да го сработи тоа со истата посветеност и професионалност. Јас на работа знам да им кажам на тимот дека само со перење на садовите и средување на работите околу кујната на работа, може да се запознаат и согледаат сите нивни позитивни и негативни квалитети во работата, и да се предвиди како тие би изреагирале во други, многу посериозни ситуации.

Со успех во промените.