ТАВ Македонија доби здравствен сертификат од Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airports Council International World) за Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во рамки на Програмата за здравствена акредитација на аеродромите, којашто претставува нов меѓународен репер за спроведени здравствени мерки на аеродромите ширум светот. Програмата на ACI е креирана за да се увери патувачката јавност дека аеродромските објекти остануваат безбедни и дека се преземаат мерки на претпазливост за да се намали ризикот по нивното здравје.
“По разгледување на доказите презентирани во текот на процесот на евалуација, вашиот аеродром покажа дека нуди безбедно аеродромско искуство за сите патници, што е во согласност со препорачаните здравствени мерки утврдени во упатствата на ACI за рестартирање и закрепнување на деловните активности во воздухопловството и препораките на работната група за закрепнување на воздухопловството на Советот на ICAO, заедно со најдобрите практики во индустријата”, вели Луис Фелипе де Оливеира, Генерален директор на ACI World, во официјалната честитка за акредитацијата до Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
ТАВ Македонија ги заврши првите три месеци од 2021 година со 64% пад во патничкиот сообраќај на двата аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, споредено со истиот период во 2020 година. Истовремено, бројот на летови на двата аеродрома заедно е намален за 44%.
Во рамки на летниот ред на летање за 2021 година (март-октомври), 44 дестинации со 11 авиокомпании се најавени од скопскиот аеродром, додека од охридскиот аеродром иако во моментов има само 2 авиолинии, од крајот на јуни се очекуваат 13 редовни дестинации и 6 сезонски чартер летови.
Меѓутоа, ТАВ Македонија, апелира, до сите патници, дека постои можност за измени во честотата на летовите до најавените дестинации, како и евентуални откажувања на летовите до некои од дестинациите, поради екстремната неизвесност што постои во воздухопловната индустрија, што е пак резултат на брзите промени во политиките на различни држави за влез на нивно тло, поради КОВИД-19.
Фото: Facebook