Околу 1,8 милијарди евра собрани преку Донаторската конференција за Србија и БиХ

12

STEFAN FILE

Во рамки на Донаторската конференција за отстранување на последиците од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина во Брисел се собрани 1,8 милијарди евра. Од тој износ за Србија отпаѓаат 995 милиони евра, што неколкукратно ги надмина очекувањата на официјален Белград. За справување со поплавите Босна и Херцеговина доби 809 милиони евра.

Скоро 900 милиони евра се заеми, а од Европската унија Србија ќе добие 80 милиони евра неповратни средства, јавува српската телевизија Б92.

“Износот од 1,8 милијарди помош за Србија и Босна и Херцеговина, која беше спомената на донаторската конференција е импозантна, но треба да се земе со резерва“, вели српската министерка за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ.

Меѓу најголемите донатори е Европската банка за обнова и развој која на Србија веќе и стави на располагање над 300 милиони евра за обнова на јавниот сектор, а на БиХ 58 милиони евра.

На донаторската конференција учествувале претставници на 23 меѓународни организации и на 60 земји.

Македонија досега донираше по 100.000 евра за Србија, БиХ и Хрватска.