Околу 2.500 опасни производи повлечени од пазарите на ЕУ, најмногу од Кина

62

made_in_china_

Околу 2.500 најразлични производи се повлечени од пазарите на земјите членки на Европската унија во 2014 година, поради опасноста што ја предизвикуваат врз здравјето на потрошувачите, соопштува Европската комисија.

Најчестата категорија на производи за кои се преземени корективни мерки се играчките, потоа следат облеката, текстилот и модните додатоци. Како најчести опасности што демнат од овие производи се: повреди, хемикалии и гушење.

Кина го има “приматот“ во овој систем на брзо предупредување, како земја на потекло од каде што доаѓаат најголемиот дел од опасните производи. Само минатата година 64% од вкупните пријави за опасни производи доаѓаат од Кина.

“Секој производ во Европа мора да биде безбеден за нашите граѓани. Опасните производи мора да бидат отстранети од пазарите што е можно побрзо. Од таа причина го создадовме системот Rapid Alert. Низ годините се покажа како доста ефикасен за зачувување на здравјето на нашите потрошувачи. Ова е практичен пример дека соработката во ЕУ е бенефит за нашите граѓани“, вели Вера Јоурова, Еврокомесарка за правда, потрошувачи и полова еднаквост.

Европската унија веќе 12 години го користи системот за предупредување Rapid Alert, што овозможува брза размена на информации меѓу земјите членки и Европската комисија околу опасни непрехранбени производи, од играчки до моторни возила.