Околу 40 отсто од купувачите на луксузни возила планираат да купат електричен автомобил во следната година

22

Европскиот пазар за електрични возила со батерии (BEV) би можел да закрепне во текот на следната година, пред сè благодарение на купувачите со подлабок џеб, оние кои размислуваат да купат премиум плус и луксузни возила поскапи од 80.000 евра, открива новата студија на Boston Consulting Group.

Истражувањето на 5.000 испитаници во Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија покажало дека 38 отсто од купувачите кои се подготвени да потрошат повеќе од 80.000 евра за автомобил размислуваат да купат електричен автомобил со батерии.

Речиси две третини (64 проценти) би купиле електрично возило наместо возило со внатрешно согорување доколку ги нуди истите спецификации.

Но, според истражувањето на BCG наречено „Europe’s High-End Buyers Rethink EV Ownership“, производителите на електрични возила од повисока класа треба подобро да решат некои од грижите што ги мачат купувачите со поголема куповна моќ.

„Производителите на електрични автомобили имаат единствена можност да привлечат нова генерација на богати потрошувачи“, рече коавторката на извештајот Катрин Паниер, партнер и директор во BCG, и додаде дека за да успеат, производителите ќе треба да понудат возила со добри спецификации и перформанси по конкурентни цени.

„Тоа се потрошувачи кои се подготвени да го истражуваат пазарот на електрични возила, но се и дигитално писмени и бараат вредност за парите“, додаде Паниер.

Според истражувањето на BCG, 70 отсто од нив припаѓаат на милениумците и генерацијата Z, а односот меѓу жените и мажите е еднаков.

Без да чекаат нови технолошки достигнувања, 60 отсто веднаш би купиле електрично возило со батерии, а истиот процент е отворен за купување електрични автомобили од кинески производители.

Дури 85 отсто од нив се високообразовани, 80 отсто можат да инсталираат BEV полнач во својот дом, а 74 отсто живеат во урбани средини.

Меѓу главните грижи што ги мачат потенцијалните нови купувачи на луксузни електрични возила (46 проценти) се времето на полнење и достапноста на брзите полначи, долгото време на чекање и трошоците за инсталирање на домашни полначи.

За 44 отсто од испитаниците важно е прашањето за досегот на автомобили, а потоа предвидливоста на капацитетот на батеријата, особено во студени услови. Сепак, исклучително е важно да се нагласи дека тоа се стравувањата на возачите кои досега не возеле електрични возила со батерии.