Околу 50.000 парцели треба да бидат запишани во Катастарот

4

Околу 50.000 градежни парцели кои се уште немаат утврдено сопственички права, во следниот период ќе бидат запишани во Агенцијата за катастар на недвижности.
Од нив, за 40.000 парцели има податоци во Катастарот и за нив по службена должност ќе се направи запишување, со што 26.000 граѓани бесплатно ќе добијат имотен лист, додека за останатите 10.000 парцели веќе е објавен повик до граѓаните да ги достават сите документи за сопственост со кои располагаат до надлежните институции.
“За 40.000 парцели граѓаните не треба да поднесат никакви документи, туку Државното правобранителство ќе поднесе барање до Катастарот и тој врз основа на постојната евиденција ќе ги запише овие кориснички права на граѓаните, кои потоа тие ќе може да ги приватизираат пред Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии. За останатите 10.000 парцели градежно земјиште имаме повик до граѓаните да ја донесат целокупната документација што ја имаат за сопственост за да можат и тие се запишат во Катастарот”, појасни директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.
Јавниот оглас е објавен за катастарски парцели во Кумановско, Велешко и Беровско, додека за општината Маврово-Ростуше повикот ќе биде објавен на 2 јуни.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, се работи за значаен проект кој е во интерес на граѓаните со кој ќе се дозаокружи процесот на запишување на имотите на целата територија и ќе се раздвижи пазарот на недвижности.
“Ова е значајно од повеќе аспекти бидејќи ќе се заокружи процесот на запишување на имотите на целата територија на државата, еден крупен и сеопфатен процес кој започна во 2006 година и кој во 90% досега е завршен со што граѓаните се стекнаа со сопственичко право на имотите што им овозможи да ги купуваат, продаваат или да ги заложат како хипотека во банките. На тој начин дојде до раздвижување на пазарот на недвижности, односно во 2005 година во Катастерот беа евидентирани 3.400 трансакции за недвижности, во 2008 – 636.000, а последниве години има над еден милион трансакции”, нагласи Ставрески.
Од аспект на Министерството за финансии, оцени Ставрески, ќе се дозаокружи процесот на приватизација и откуп на дворното земјиште по цена од едно евро по метар квадратен.
“На овој начин и овие 26.000 граѓани ќе можат по најмалку можно трошоци да дојдат до сопствен имот со кој ќе можат да располагаат”, рече Ставрески.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески смета дека со овој процес ќе се забрза процесот на легализација.
“Со оваа активност ќе им овозможиме на 26.000 граѓани побрзо да го завршат процесот на легализација. Наместо поединечно општината да доставува барања до Катастарот и поединечно да ги изложуваат парцелите, сега систематски ќе бидат изложени 40.000 парцели”, појасни Јанакиески.
Во Македонија има запишано 4,2 милиони парцели од кои 90% се со запишани права.