
Нашите производи се многу популарни, но не заработуваме доволно пари од нив. Затоа мораме дополнително да ги намалиме трошоците во сите категории на трошоци – рече Оливер Блумe.
Во интервју за германскиот весник „Билд“, извршниот директор Оливер Блуме истакна дека моменталните проблеми на „Фолксваген“ не произлегуваат од недостаток на побарувачка, туку од проблеми со профитабилноста:
– Нашите производи се многу популарни, но не заработуваме доволно пари од нив. Затоа мора дополнително да ги намалиме трошоците во сите категории на трошоци.
Со други зборови, „Фолксваген“ заработува премалку пари по продадено возило. Но, не сите производи се подеднакво популарни во рамките на огромната групација „Фолксваген“. Автомобилскиот конгломерат веќе објави план за намалување на трошоците што би можел да го преполови своето портфолио на производи. До 50 проценти од моделите што ги продаваат „Фолксваген“, „Ауди“, „Шкода“, „Ламборџини“, „Порше“, „Бентли“, „СЕАТ“ и „Купра“ би можеле да бидат елиминирани во наредните години. Компанијата сака да ја намали сложеноста со тоа што ќе им даде приоритет на производите со најголем обем и оние со највисоки маржи на профит. Непотврдената прелиминарна листа содржи 10 модели што се соочуваат со откажување.
– Во иднина, сакаме да ја зголемиме продажбата по модел. За да го постигнеме ова, постојано го поедноставуваме нашето портфолио на производи – рече Блуме. Покрај елиминирањето на многу модели од својата широка понуда, компанијата ќе го намали бројот на достапни опции за преостанатите модели до 75 проценти.











