
Бројот на луѓе кои се соочуваат со глад во светот продолжува да се намалува трета година по ред, но конфликтите на Блискиот Исток и временскиот феномен Ел Нињо претставуваат нови ризици за глобалната безбедност на храната, предупредија агенциите на Обединетите нации.
Според најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) и други агенции на Обединетите нации, во текот на 2025 година, околу 645 милиони луѓе, или 7,8 проценти од светската популација, биле погодени од глад.
ООН наведува дека во последните години е забележан континуиран напредок во Азија, додека во Африка, за прв пат по долг период, е забележано намалување на уделот на населението кое се соочува со глад.
Сепак, организациите предупредуваат дека напредокот е сè уште кревок.
Според проценките, конфликтот на Блискиот Исток би можел да ја намали достапноста на храна поради повисоките цени на енергијата, намалените залихи на ѓубрива и зголемените трошоци за транспорт, што дополнително би ги оптоварило глобалните синџири на снабдување.
Во исто време, се очекува временскиот феномен Ел Нињо да има негативно влијание врз земјоделското производство, бидејќи екстремните временски услови ги загрозуваат приносите и го зголемуваат ризикот од влошување на безбедноста на храната во бројни региони во светот.
Иако Африка ја престигна Азија во однос на вкупниот број луѓе што се соочуваат со глад во 2025 година, новите податоци покажуваат дека повеќегодишниот тренд на зголемување на гладот е запрен на континентот.
„За прв пат, забележуваме дека стапките на глад во Африка почнаа да се менуваат во позитивна насока и се намалуваат“, рече главниот економист на ФАО, Максимо Тореро.
Во извештајот се наведува дека проценката за 2025 година се базира на проекциите за достапноста на основните прехранбени производи, а не на целосно преработените биланси на храна, поради што конечните податоци би можеле последователно да се ревидираат.












