
САД им должат на ОН речиси 1,5 милијарди долари за тековната фискална година.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека разгледува општа ревизија, во рамките на која би се обединиле главните оддели.
Секретаријатот на Обединетите нации се подготвува да го намали буџетот на оваа организација во износ од 3,7 милијарди долари, или за 20 проценти, како и укинување на речиси 6.900 работни места, според интерен меморандум до кој Ројтерс имал пристап.
Според агенцијата, во писмото од вработените се бара до 13 јуни да достават детални предлози каде е можно дополнително намалување на трошоците, пренесува Танјуг.
Авторот на документот, финансискиот контролор на ОН, Чандрамули Раманатан, нагласи дека овие намалувања се дел од поширока внатрешна ревизија започната во март, наречена „ОН80“.
„Ова е амбициозен напор да се осигури дека Обединетите нации се подготвени да го поддржат мултилатерализмот во 21 век, да го намалат човечкото страдање и да изградат подобар живот и иднина за сите“, рече Раманатан.
Намалувањата на буџетот ќе стапат на сила на 1 јануари.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека разгледува голема реорганизација, која би вклучувала спојување на клучните оддели и прераспределба на ресурсите на агенцијата низ целиот свет.
Соединетите Американски Држави им должат на ОН речиси 1,5 милијарди долари за тековната фискална година.