
Обединетите нации (ОН) објавија дека до крајот на оваа недела Индија ќе ја престигне Кина според бројот на жители и со тоа ќе стане најнаселена земја во светот.
Друго тело на ОН минатата недела предвиде дека Индија ќе ја престигне Кина до средината на оваа година. Сепак, новите податоци покажуваат дека населението на Индија се очекува да достигне 1.425.775.850 до крајот на април.
Кина и Индија сочинуваат повеќе од една третина од светското население повеќе од 70 години, пишува Би-Би-Си. „Кина наскоро ќе го изгуби долгогодишниот статус на најнаселена земја во светот“, се вели во соопштението на Одделот за економски и социјални прашања на ОН (ДЕСА), пренесува Индекс.
Населението во Индија се очекува дополнително да расте
Тие додаваат дека „поради несигурностите поврзани со проценката и проекцијата на населението, точниот датум кога се очекува Индија да ја надмине Кина по население е приближен и предмет на ревизија“. Фондот за население на ОН минатата недела објави дека Индија ќе има 2,9 милиони луѓе повеќе од Кина до средината на 2023 година.
Стапката на наталитет во Кина неодамна опадна, а населението се намали минатата година за прв пат од 1961 година. DESA предвидува дека населението на Кина би можело да падне под една милијарда пред крајот на векот. „Напротив, се очекува населението во Индија да продолжи да расте неколку децении“, нагласуваат тие.
Сепак, стапката на плодност паѓа и во Индија – од 5,7 раѓања по жена во 1950 година на 2,2 раѓања по жена денес. Во ноември, светската популација надмина 8 милијарди, но експертите сметаат дека растот не е толку брз како порано.











