ОН: Растот на цените на бродски превоз ја зголемува инфлацијата за 1,5%

75

Глобалниот скок на цените на контејнерскиот превоз може да ги зголеми потрошувачките цени за 1,5 отсто во текот на следната година, покажуваат резултатите од анализата на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD).

Цената на еден транспортен контејнер нагло скокна во последните 18 месеци бидејќи пандемијата на корона вирусот ги наруши синџирите на снабдување и трговските канали. Трошоците за транспорт по морски пат се зголемени седум пати, ако не и повеќе, според извештајот на UNCTAD, пренесува CNBC.

„Анализата на UNCTAD покажува дека сегашниот пораст на цените на товарните контејнери, доколку се одржи, ќе ги зголеми глобалните увозни цени за 11 отсто, а потрошувачките цени за 1,5 отсто од сега до 2023 година“, се вели во документот.

Гледано по земји, потрошувачките цени во Соединетите Држави наводно би се зголемиле за 1,2 отсто, додека Кина би забележала раст од 1,4 отсто. Анализата покажува дека во помалите земји, кои се повеќе зависни од увоз, потрошувачките цени би скокнале многу повисоко, за 7,5 отсто.

Кога станува збор за категориите производи, најголем раст на цените би бил забележан во електрониката, мебелот и облеката, од најмалку 10 отсто на глобално ниво, соопшти UNCTAD, истакнувајќи дека контејнерскиот транспорт на тие стоки учествува со 17 отсто во вкупниот обем на трговска размена по морски пат.