Телекомуникацискиот оператор ОНЕ со донација од 20 компјутери и монитори и пет принтери ќе опреми две нови компјутерски лаборатории во Домот за деца 25 Мај и СОС Детското Село од Скопје.
Донацијата е остварена во соработка со Здружението за заштита, помош и унапредување на статусот на маргинализирани групи Градиме Иднина и истата има за цел да им овозможи на децата сместени во домовите компјутерска едукација уште од најрана возраст.
„Ние во ОНЕ веруваме дека помагањето во заедницата во која работиме е исклучително важно. Оваа донација е уште во низата донации за децата без родители, а соработката со Градиме Иднина е долгогодишна и во континуитет”, изјави главниот извршен директор на ОНЕ, Цирил Кафол, јавува Макфакс.
Донацијата ја прими претседателот на Здружението за заштита, помош и унапредување на статусот на маргинализирани групи Градиме Иднина, Илија Јовановиќ кој, во оваа прилика, изрази благодарност за соработката и несебичната поддршка која ОНЕ му ја дава на здружението.
„ОНЕ е наш долгогодишен пријател и компанија која секогаш имала слух за потребите на децата без родители и родителска грижа. Само пред неколку месеци, ОНЕ го опреми интернатот Гоце Делчев во селото Љубанци со телевизори и Boom TV приемници, а веќе денес, ОНЕ донира компјутери и компјутерска опрема. Оваа донација е од големо значење за децата бидејќи постоењето на компјутерски лаборатории во нивните Домови ќе ги стимулира децата своето слободно време да го користат во компјутерска едукација, а тоа во иднина ќе им го олесни патот до вработување“, изјави Илија Јовановиќ.