Оne донесе одлука да ги намали цените за дигитално емитување на програмските сервиси, како за националните, така и за регионалните телевизии.
“Намалувањето на цената, што ќе значи и оптимизација на техничките услови, е во бараниот процент, односно 36% од иницијалниот износ, во случај на плаќање на годишна основа. Со ова намалување, цената за националните телевизии ќе изнесува 99.840 евра, односно 13.056 евра за регионалните телевизии”, информираат од компанијата.
Од Оne појаснуваат дека согласно со тендерот, компанијата веќе поднела барање до надлежните институции за измени на договорот и прилозите кон истиот, со што овие промени би стапиле во сила.
“Оne одлучи да ја намали цената препознавајќи ја важноста на проектот дигитализација кој е од национален интерес и очекува дека овој чекор ќе ги охрабри телевизиите да се приклучат кон процесот, а сето тоа во интерес на граѓаните на Македонија”, се вели во соопштението на телекомуникацискиот оператор.
Исто така се потенцира и дека Оne е технички подготвен за претстојната дигитализација и комплетно ги почитува обврските согласно тендерот на кој беше избран да ја спроведе дигитализацијата на телевизискиот сигнал.