Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во својот најнов месечен извештај од јули, потврди дека очекува побарувачката на нафта да се зголеми на 2,2 милиони барели дневно (bpd) во 2024 година и дополнителен раст на побарувачката од 1,8 милиони барели во 2025 година.
Оваа прогноза не се разликува од очекувањата од претходниот јунски извештај. Организацијата прогнозира дека светскиот економски раст во 2024 година ќе изнесува 2,9 отсто, како и во 2025 година, се наведува на веб-страницата на ОПЕК.
Прогнозата за 2024 година е ревидирана нагоре бидејќи во претходниот извештај во јуни се вели дека глобалниот економски раст ќе биде 2,8 отсто оваа година. Според очекувањата на ОПЕК, американската економија ќе се зголеми за 2,2 отсто во 2024 година и за 1,9 отсто во 2025 година, а економијата на еврозоната за 0,7 отсто во 2024 година и за 1,2 отсто следната година.
Според прогнозата, главен фактор за растот на светската побарувачка на нафта ќе биде побарувачката во земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), се додава во извештајот.