ОПЕК ја зголеми својата проценка за долгорочната побарувачка за нафта

22

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ги зголеми проценките за среднорочна и долгорочна побарувачка на нафта, нагласувајќи ја потребата од поголеми инвестиции во нафтениот сектор за да се задоволи очекуваната побарувачка.

Во својот извештај за пазарот на нафта за 2022 година, ОПЕК предупреди на хронично недоволно инвестирање, проценувајќи дека се потребни 12,1 трилиони долари во нафтениот сектор за да се задоволи очекуваната поголема побарувачка на среден и долг рок.

Следната година глобалната побарувачка на нафта, како што покажуваат подобрените проекции, ќе достигне 103 милиони барели дневно, што е зголемување за 2,7 милиони барели дневно во однос на 2022 година.

Така, ОПЕК ја зголеми минатогодишната проценка за 2023 година за 1,4 милиони барели дневно.

Зголемената прогноза одразува посилно закрепнување во 2022 и 2023 година и „силно фокусирање на прашањата за енергетската безбедност“, што доведува до побавна замена на нафтата со други горива, како што е природниот гас, чија цена скокна поради руската инвазија на Украина.

ОПЕК, исто така, ја зголеми својата среднорочна прогноза за побарувачката, до 2027 година, кога таа треба да биде речиси два милиони барели дневно повисока од минатата година.

До 2030 година би требало да достигне просечни 108,3 милиони барели дневно.

Долгорочната прогноза, за периодот до 2045 година, беше зголемена на 109,8 милиони барели дневно, од 108,2 милиони барели дневно во 2021 година. Во изминатите години групацијата ја намали долгорочната проекција на побарувачката, потсетува Ројтерс.

Ставот на ОПЕК не се совпаѓа со оценките на другите прогнозери кои предвидуваат дека побарувачката на нафта ќе достигне плафон пред 2030 година поради зголемената употреба на обновливи извори на енергија и електрични автомобили.