Министрите за енергетика на земјите членки на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) се договорија да го задржат постоечкото ниво на производство. Воедно, изгласаа генералниот секретар Абдулах Ел – Бадри да остане на оваа функција уште една година, изјави министерот за енергетика на Саудиска Арабија, Али ал-Наими.
Тој по завршетокот на министерскиот состанок на ОПЕК во Виена истакна дека “ќе се задржи моменталното производство“, кое изнесува 30 милиони барели дневно.
Министрите гласале Ел – Бадри уште една година да ја извршува функцијата генерален секретар, и покрај тоа што веќе одработи два мандата, бидејќи не можеле да се согласат кој да го замени.
Тројца кандидати конкурираа за лидерското место во ОПЕК: поранешниот саудиски гувернер во ОПЕК Маџед ал-Мониф, поранешниот ирански министер за енергетика Голам Хосеин Нозари и поранешниот ирачки министер за нафта, Тамир Гадбан.