ОПЕК објави прогноза: Расте побарувачката за нафта

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) потврди во својот последен мајски месечен извештај,  дека очекува побарувачката за нафта да порасне за 2,2 милиони барели дневно (bpd) во 2024 година.

Дополнителен раст на побарувачката од 1,8 милиони барели се очекува во 2025 година.

Оваа прогноза не се разликува од очекувањата од претходниот априлски извештај. Организацијата прогнозира дека светскиот економски раст ќе биде 2,8 отсто во 2024 година, а благо ќе се забрза до 2,9 отсто во 2025 година, се наведува на веб-страницата на ОПЕК.

Според очекувањата на ОПЕК, американската економија ќе порасне за 2,2 отсто во 2024 година, што е зголемување во однос на априлската прогноза за економски раст на САД од 2,1 отсто.

Прогнозата за економскиот раст на САД во 2025 година е 1,9 отсто, што е исто така пооптимистички од априлските 1,7 отсто.

Според прогнозите на ОПЕК, еврозоната ќе расте со побавно темпо, за 0,5 отсто оваа година и за 1,2 отсто следната година.

Според прогнозата, главен фактор за растот на светската побарувачка на нафта ќе биде побарувачката во земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), се додава во извештајот.