
Групата земји извознички на нафта ОПЕК објави дека очекува глобалната економија да покаже отпорност во втората половина од годината и покрај загриженоста за трговските конфликти и малку ја намали прогнозата за раст на производството на нафта за 2026 година во земјите кои не се дел од групата ОПЕК+.
По намалувањето во април, овој пат прогнозата за раст на глобалната побарувачка на нафта остана на исто ниво за оваа година и за следната година.
„Во првата половина од оваа година, глобалната економија беше подобра од очекуваното. Таа солидна основа од првите шест месеци треба да обезбеди доволна поддршка за остатокот од годината. Сепак, трендот на раст би можел малку да забави на квартална основа“, објави ОПЕК.
Според проценката на таа организација, во земјите надвор од кругот на ОПЕК+, во следната година, производството би можело да се зголеми за околу 730 илјади барели дневно, што е за 70 илјади барели дневно помалку од претходната прогноза.
Таквиот развој на настаните би му го олеснил на ОПЕК+ балансирањето на движењата на пазарот. Силниот раст на производството на нафта од шкрилци во САД и нафта во други земји имаше доста големо влијание врз движењето на цените во последните години.
ОПЕК+ собира уште 10 земји надвор од кругот на ОПЕК, вклучувајќи ги Русија, Мексико и Казахстан.
Фото:Pixabay











